Човекот на Трамп: „На прагот сме на постигнување нешто многу, многу важно за целиот свет!“

Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф изјави во понеделникот – три дена по средбата со Владимир Путин – дека рускиот претседател сака „траен мир“ во Украина.

– Можеби сме на прагот на постигнување на нешто многу, многу важно за целиот свет – рече Виткоф во интервју за конзервативниот „Фокс њуз“ (Fox News).

Доналд Трамп вели дека неговата цел е да го стави крајот на војната во Украина, во која загинаа десетици илјади луѓе за повеќе од три години, и ја прекина дипломатската изолација што Западот му ја наметна на рускиот претседател.

Неговата администрација води одделни разговори со високи руски и украински функционери, кои досега не успеале да постигнат согласност за сеопфатен прекин на непријателствата.

Дипломатските преговори продолжуваат, без значајни отстапки од страна на Москва. Киев и некои западни престолнини ја обвинуваат Русија дека намерно ги одолговлекува преговорите.

Стив Виткоф се сретна со Путин во петокот во Санкт Петербург, по трет пат откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа во јануари.

Средбата, која траеше повеќе од четири часа, а на која присуствувале и двајца блиски советници на рускиот претседател – Јуриј Ушаков и Кирил Дмитриев – се покажа како „убедлива“, рече американскиот пратеник, додавајќи дека мировниот договор е „во настанување“.

Претставникот на Доналд Трамп, исто така, сугерираше дека „трговските можности“ помеѓу САД и Русија се дел од преговорите и дека би можеле „да донесат вистинска стабилност во регионот“.

Loading