Новата анкета шокира: Екстремната десница во Велика Британија бележи драматичен пораст на поддршка од граѓаните

Последната анкета на британскиот весник „Тајмс“ (The Times) предизвика бурни реакции во јавноста, откако моделот за изборна проекција покажа дека екстремно десничарската партија Reform UK би можела да освои дури 180 пратенички места доколку изборите се одржат денес.

Шокантен пресврт

Овој резултат би ги поставил Reform UK – партијата предводена од контроверзниот Најџел Фараж – како водечка политичка сила во британскиот парламент, пред традиционално доминантните Лабуристи и Конзервативци.

Моделот на The Times зема предвид специфичниот британски изборен систем, каде што граѓаните гласаат директно за својот локален претставник, а не пропорционално по партиска листа.

Според истата анализа, Лабуристичката партија би изгубила дури 246 пратенички места, спуштајќи се на 165 – исто колку и Конзервативците – што би претставувало историски изборен пораз. Дополнително, неколку истакнати членови на актуелната влада би ги загубиле своите изборни единици.

Од маргина до водство

Reform UK, која во моментов има само пет пратеници, меѓу кои и самиот Фараж, познат по остриот антимигрантски дискурс, бележи забележлив раст на поддршка кај гласачите.

Анкетата покажува речиси изедначена популарност меѓу трите водечки партии – околу 24 проценти секоја. Иако следните редовни избори се закажани за 2029 година, сценариото го отвора прашањето за потенцијално распишување вонредни избори, иако тоа засега изгледа малку веројатно, имајќи предвид дека Лабуристите моментално располагаат со 411 пратенички места.

Loading