САД го потврдуваат „огромниот успех“ на нападот врз Иран: „Нашиот непријател е нуклеарното оружје“

Еден ден по масовните американски воздушни напади врз нуклеарните постројки во Иран – Фордоу, Натанс и Исфахан – Пентагон излезе со деталите од тајната Операција „Полноќен чекан“. Според изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, оваа операција претставува „спектакуларен воен успех“ кој наводно го има „избришано“ иранскиот нуклеарен програм, пренесува Ла прес.

Во нападот учествувале 125 воени авиони, меѓу кои седум стелт-бомбардери B-2 и 14 специјални проектили за уништување подземни и утврдени цели од по 14 тони. Ова го соопшти генералот Дан Кејн на вонредна прес-конференција во Пентагон. Бомбардерите полетале од воздухопловната база Вајтман во Мисури.

„Ова беше неверојатно прецизен и доминантен напад“, изјави американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој заедно со генерал Кејн, претседателот Трамп, државниот секретар Марко Рубио, директорот на ЦИА Џон Ретклиф и шефот на кабинет Сузи Вајлс, бил присутен во Собата за кризни состојби во Белата куќа во текот на операцијата.

„Напад кој немаше цел кон промена на режимот во Техеран“, изјави Хегсет. Соединетите Американски Држави не сакаат да бидат вовлечени во уште една војна на Блискиот Исток, како што претседателот на САД ветуваше во изборната кампања и како што повторуваше во последните денови. Ова го потврди и потпретседателот Џеј Ди Ванс во интервју за американските медиуми: „Ние не сме во војна со Иран. Ние сме во војна со иранската нуклеарна програма.“

Иранското раководство, предупреди Хегсет, „би требало да ги слуша зборовите“ на Доналд Трамп. Претседателот на САД, излегувајќи во саботата во 22 часот по локално време во Вашингтон од Собата за кризни состојби во Белата куќа, во своето обраќање до нацијата и до Иран, беше јасен: „Прифатете мир или ќе ве снајде трагедија.“

Loading