Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, познат по надгледување на ракетни лансирања и спроведување политички чистки, оваа недела се одлучи за невообичаена промена на темпото – семеен излет во ново летувалиште на плажа.
Според државната новинска агенција KCNA, Ким заедно со сопругата Ри Сол-џу и ќерката Ким Џу-ае го посетил луксузното крајбрежно одморалиште Вонсан Калма, кое го прогласил за едно од најголемите достигнувања на земјата оваа година.
Ким е снимен како се релаксира покрај базен, со цигара и ладен пијалак, додека ги набљудува посетителите како уживаат на водните тобогани.

На друга фотографија, Ким и неговата ќерка, во друштво на владини претставници, позираат на плажа, но и овојпат лидерот од облечен „до грло“.
По неколкумесечни тензии на меѓународната сцена поради нуклеарната програма на Пјонгјанг и наводната поддршка за руската војна во Украина, овој излет претставува враќање кон поблага, речиси пропагандна слика на „првото семејство“.
Одморалиштето, сместено на источниот брег на земјата, нуди спортски и рекреативни содржини, како и низа угостителски услуги. Според KCNA, Ким верува дека новата туристичка зона ќе го подигне меѓународниот углед на Северна Кореја како културна дестинација од светска класа. Властите се надеваат дека Вонсан Калма ќе привлекува околу 20.000 посетители годишно по неговото отворање на 1 јули, пишува Гардијан.
Сепак, странските туристи кои сонуваат за одмор на севернокорејските плажи засега ќе останат со празни раце зашто летувалиштето во почетокот ќе биде достапно исклучиво за домашни посетители, додека постепено се укинуваат ограничувањата воведени за време на пандемијата.
![]()

