Грција гори: Огнената стихија неконтролирано голта куќи, евакуирани туристи и граѓани

Голем пожар избувна денес околу 12:30 часот во ниско растителен појас меѓу Палаја Фокеа, Атика и Тимарија, и брзо се прошири. Пламените јазици зафатија повеќе куќи, а десетици граѓани и туристи се евакуирани.

Како што соопшти портпаролот на противпожарната служба, Василис Ватракојанис, 130 пожарникари со помош на 12 авиони и 12 хеликоптери се борат со огнот, кој најмногу се шири помеѓу куќите.

Во акцијата се вклучени и доброволни пожарникари, цистерни и механизација од Атика и Генералштабот за национална одбрана.

Издадени се пораки за евакуација на населението од Тимари, Турколимано, Катафиги, Харака и Триантафилија, а крајбрежната стража стави на располагање пловила во случај да биде потребна евакуација преку море.

Сообраќајот на двете ленти од автопатот Атина–Сунио е во прекин.

Штетата ќе се проценува по згаснувањето на пожарот. Во последните 24 часа избувнале 45 пожари, од кои 40 биле брзо локализирани.

Утре се очекуваат екстремно високи температури и зголемен ризик од пожари на повеќе подрачја, вклучувајќи ја Атика и Северен Егеј.

Надлежните апелираат граѓаните строго да ги следат упатствата за безбедност.

Loading