Американскиот претседател Доналд Трамп одговори со остар и ироничен тон на изјавите на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи, кој ја прогласи „победата“ на Иран во конфликтот со Израел и упати критики кон самиот Трамп.
„Зошто ‘врховниот лидер’ на разурнат Иран толку очигледно и глупаво би тврдел дека победил во војната со Израел, кога знае дека тоа е лага? Ако е толку голем човек на верата, тогаш не треба да лаже“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Тој откри дека знаел каде точно се наоѓал Хамнеи во клучен момент од конфликтот и тврди дека го спречил Израел и американските сили да го елиминираат:
„Го спасив од многу срамна и грда смрт, а тој ни ‘благодарам’ не кажа“, вели Трамп, тврдејќи дека побарал од Израел да го повлече нападот врз Техеран, кој бил на само неколку часа од реализација.
„Тоа ќе беше најсилниот удар во целиот конфликт – со огромни жртви и уништување. Но, решив да го спречам тоа. И сега гледам како добивам навреди наместо почит.“
Трамп, кој според неговите зборови работел на планови за олеснување на санкциите кон Иран, вели дека по последната ескалација целосно се откажал од таа идеја:
„Наместо соработка, добив мраз, омраза и гнев. Иран мора да се врати во глобалниот поредок, во спротивно иднината им е уште потемна.“
Во завршниот дел на објавата, Трамп додава:
„Нивната земја е опустошена, армијата им е уништена, економијата во колапс, а народот во очај. И сè уште одбиваат да подадат рака. Сакам да знаат: со мед се постигнува повеќе отколку со оцет. Мир.“
Со оваа порака, Трамп не само што повторно ја презема политичката офанзива, туку испраќа сигнал за потенцијално враќање во надворешната политика на високо ниво, но сега со уште пожесток тон.
![]()

