Додека се пржиме на плус 40, ни стигнува страшна прогноза за зимата

Сателитските податоци покажуваат дека арктичкиот мраз е на историски минимум за ова доба од годината, што може драстично да влијае на зимата 2025/2026 година.

Сезоната на топење на арктичкиот морски мраз е во полн ек, а моменталната состојба е алармантна – површината на мразот е на рекордно ниско ниво за јуни месец, предупредуваат климатските експерти. Доколку трендот продолжи, можно е септемврискиот минимум на мразот да биде најнизок од почетокот на сателитските мерења.

Овие климатски промени, според научниците, може да имаат сериозно влијание врз зимата 2025/2026 година во САД, Канада и Европа, пренесува Severe Weather.

Најновите мерења од Националниот центар за податоци за снег и мраз (NSIDC) покажуваат дека моменталната покриеност со мраз е значително под долгорочниот просек. Во споредба со истиот период лани, има 600.000 квадратни километри помалку мраз, а дури и во однос на рекордната 2010 година – за 100.000 квадратни километри помалку.

Но, експертите предупредуваат дека не е проблем само во површината, забележано е и драматично намалување на дебелината и волуменот на мразот. Според последните податоци, вкупниот обем на арктички мраз не достигнува ниту 20.000 кубни километри што е јасен знак дека мразот е нестабилен и подложен на брзо топење.

Временските услови во јуни биле под влијание на зони со низок воздушен притисок кои го туркаат топлиот воздух и морските струи кон Арктикот. Анализите покажуваат температурни аномалии над Арктичкиот океан, кои го забрзуваат процесот на топење.

Според прогностичкиот модел ECMWF за јули, се очекува создавање на зони со висок притисок над поларниот регион, што дополнително ќе овозможи продор на топол воздух, особено во источниот Арктик, додека постудениот воздух ќе се потиснува кон Канада.

„Во наредните десетина дена се очекува целосно повлекување на мразот од рабовите на Арктикот“, стои во најновата анализа.

Долгорочните прогнози (август–октомври) предвидуваат продолжен топлотен бран над Арктикот, што може да доведе до нов историски минимум на мразот во септември. Оваа состојба, пак, може директно да влијае на атмосферските процеси во северната хемисфера во претстојната зима.

Истражувањата покажуваат дека ваквите услови често доведуваат до слабеење на поларниот вртлог – огромен воздушен систем кој го задржува студот на северот. Кога овој вртлог е стабилен, студениот воздух останува над Арктикот. Но кога ќе ослабне, тој се распаѓа и дозволува налет на екстремно студен воздух длабоко кон југ – до САД и Европа.

„Слабиот арктички мраз може да предизвика пореметување на поларниот вртлог и да поттикне екстремно студени и снежни епизоди во зимата што следи“, предупредуваат научниците.

Научните тимови продолжуваат внимателно да го следат развојот на мразот и атмосферските услови, со апел до јавноста и медиумите редовно да ги следат новите прогнози. Состојбата на Арктикот оваа година, велат експертите, би можела да биде одлучувачка за тоа дали не чека блага или сурова зима.

Loading