Кинеската државна телевизија CCTV неодамна објави анимиран видеоматеријал кој прикажува моќно оружје што може целосно да парализира енергетски системи без класична експлозија, таканаречена графитна бомба. Според написот на South China Morning Post, оваа технологија може да предизвика прекин на струја на површина од околу 10.000 квадратни метри, па дури и да ја онеспособи работата на цели електрани.
Во видеото е прикажана ракета која од земја лансира 90 помали подмуниции. Тие се одбиваат од земјата, експлодираат и ослободуваат облак графитна прашина, со што се предизвикуваат кратки споеви и прекин на напојувањето во симулирана електроподстаница. Визуелниот приказ завршува со сцени на исклучени системи и неработење на електронска опрема.
Позната и како „бомба за затемнување“, графитната бомба претставува форма на „неубиствено“ оружје чија главна цел е електроенергетската инфраструктура. Таа создава облак од микроскопски честички од графит – материјал што е добар спроводник – кои се таложат врз трансформатори и далноводи и предизвикуваат масовни кратки споеви.
Оружјето не предизвикува директни човечки жртви, но има потенцијално катастрофални последици. особено ако бидат погодени болници, системи за јавен превоз или водоснабдување. Во таков контекст, прекинот на струја може да значи и загуба на човечки животи.
Иако графитната бомба звучи како новитет, нејзината употреба се бележи уште во 90-тите. НАТО ја употреби оваа технологија за време на бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година. Тогаш беа погодени пет електрани, а според проценките, дури 70% од територијата на земјата остана без струја. Слични методи биле применети и од страна на САД во Заливската војна во 1991 година, кога Ирак претрпел прекини на електричното напојување кои траеле со недели.
Иако американскиот Пентагон никогаш официјално не потврдил употреба на вакво оружје, евиденцијата и резултатите на теренот покажуваат дека се користело во повеќе воени сценарија. Лекарски и хуманитарни организации тогаш предупредија дека ваквите напади директно го загрозуваат јавното здравје и нормалното функционирање на цивилните системи.
Графитната бомба е оружје што не се слуша, не експлодира силно и не остава кратери, но затоа остава мрак, хаос и парализа. Во современиот свет што зависи од струја за буквално сè, од болници до мобилни мрежи, ваквото „неубиствено“ оружје станува сѐ поопасно средство за воени и политички притисоци.
![]()

