„Толку си јадна што не можеш ни да се убиеш“ – момче преку Интернет ги тера девојките да се самоубијат

Во стравичен случај што го потресе британското правосудство, 23-годишниот Тајлер Веб стана првата личност во Обединетото Кралство осудена за онлајн поттикнување на самоубиство и сериозно самоповредување. Судот во Лестер го прогласи за виновен поради монструозна психолошка тортура врз млада жена, која ја запознал преку интернет-форум за ментално здравје.

Како што извести новинарката на Скај њуз, Веб неколку недели систематски ја манипулирал жртвата, ѝ давал детални инструкции како да се повреди, ја следел преку видеоповици и во еден од нив ѝ зборувал цели 44 минути дека е „безвредна“ и дека „единствената нејзина вредност е да умре за негово задоволство“.

Жртвата завршила во болница, а нејзините зборови на судењето беа потресни: „Имам лузни кои никогаш нема да зараснат, лузни кои тој ми рече да си ги направам“.

Случајот ја шокираше и полицијата. „Ова е една од најтешките истраги во мојата кариера“, изјавила водечката инспекторка на случајот.

Законските измени во 2023 година овозможија поттикнувањето на самоповредување преку интернет конечно да се третира како кривично дело. Тајлер Веб е осуден на девет години и четири месеци. Прво ќе биде задржан во обезбедена психијатриска установа, а потоа ќе го доиздржи остатокот од казната во затвор, само ако лекарите и надлежните органи утврдат дека е психички стабилен.

„Овој случај покажа дека конечно постои правен механизам за справување со оваа растечка закана“, заклучува новинарката.

Loading