Зеленски предлага состанок со Путин до крајот на август, Трамп сака да учествува

Можен историски состанок меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот лидер Владимир Путин бил тема на разговорите меѓу двете страни овие денови во Истанбул.

Според денешното соопштение на Зеленски, Украина предложила самит до крајот на август, со желба на состанокот да присуствува и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој се позиционира како посредник со свој ултиматум.

„Треба да ја завршиме оваа војна, и тоа најверојатно почнува со состанок на лидерите“, изјави Зеленски, коментирајќи го предлогот што го изнел шефот на украинската делегација, Рустем Умеров, за време на третата рунда разговори во Истанбул.

Трамп, кој веќе најави дека му дава 50 дена рок на Путин да го реши конфликтот, под закана од тешки санкции, се појавува како потенцијален клучен играч во можната спогодба. Украинската страна гледа напредок во тоа што Москва, иако воздржано, започнала да размислува за формат на самит меѓу лидерите.

Зеленски оцени дека напредокот е скромен, додека руските сили продолжуваат со офанзиви на фронтот, но без поголеми пробиви.
„Тие се обидуваат да пробијат, но немаат постигнато значајни успеси“, рече украинскиот претседател.

Иако разговорите продолжуваат, позициите на двете страни остануваат засега радикално различни.

Loading