Орбан: „Ова не е договор, Трамп ја „јаде“ фон дер Лајен за појадок“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека трговскиот договор меѓу Европската унија и САД не може да се смета за рамноправен договор, бидејќи, според него, претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не преговарале од еднаква позиција.

„Тоа воопшто не е вистински договор. Трамп ја јаде фон дер Лајен за појадок. Се случи токму она што го очекувавме, имајќи предвид дека Трамп е многу силен преговарач, а госпоѓата претседателка нешто послаба“, изјави Орбан, пренесува Ројтерс.

Според него, постигнатиот договор меѓу ЕУ и САД е далеку понеповолен од неодамнешниот договор кој Вашингтон го склучи со Обединетото Кралство. Таму, најголем дел од британските производи што се извезуваат во САД се со царинска стапка од 10%.

Синоќа, во Шкотска беше постигнат нов трговски договор меѓу САД и ЕУ, според кој поголемиот дел од европските производи ќе бидат со царина од 15% при влез на американскиот пазар.

Трамп најави и значајни економски придобивки за САД – инвестиции од 600 милијарди долари од ЕУ, како и набавки на енергенси во вредност од 750 милијарди долари, вклучувајќи американска воена опрема.

Loading