Планот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за целосна воена инвазија на Појасот Газа се појавува по колапсот на најновиот обид за постигнување примирје, пренесуваат странските медиуми.
Американскиот специјален претставник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, минатата недела престојувал во регионот и изјавил дека работи со израелската влада на план што ќе доведе до ефективен крај на војната во Газа. Оваа иницијатива следуваше по пропаднатите преговори во Доха за 60-дневен прекин на огнот, поддржан од САД.
Според предложениот договор, требаше да биде испорачана хуманитарна помош по воздушен пат во Газа, а половина од заложниците што ги држи Хамас требаше да бидат ослободени во замена за палестински затвореници во Израел.
Меѓутоа, по средбата на Нетанјаху со Виткоф во четвртокот, висок израелски функционер изјавил дека се оформува „заедничко разбирање меѓу Вашингтон и Тел Авив“ за потребата да се премине од привремен прекин на огнот кон сеопфатен договор кој ќе предвиди ослободување на сите заложници, разоружување на Хамас и демилитаризација на Појасот Газа.
Во тој контекст, Нетанјаху најавил свикување на Советот за безбедност за да се разгледаат следните чекори на израелската армија во Газа и како таа да продолжи со операциите со цел исполнување на целите на војната.
„Мора да останеме обединети и да се бориме заедно за да ги постигнеме сите наши цели: пораз на непријателот, ослободување на нашите заложници и гаранција дека Газа повеќе никогаш нема да претставува закана за Израел“, им порачал Нетанјаху на членовите на својот кабинет.
![]()

