Екстремни врнежи предизвикаа разорни поплави во северниот индиски регион Утаракханд, уништени се домови и хотели, жртвите и натаму се пребаруваат под урнатините.
Најмалку четири лица го загубија животот, а десетици други се водат како исчезнати под урнатините, откако разорен временски феномен, познат како „облак што пукна“, го погоди високопланинскиот регион на индиската држава Утаракханд, која се протега низ Хималаите.
Како што јавуваат локалните медиуми, дождовната стихија удрила врз сливот на реката Кхир Ганг, предизвикувајќи силни и ненадејни поплави што разурнаа цели села и туристички објекти.
Водата навлегла со голема брзина во населените места, носејќи со себе куќи, гостилници, мостови и сè што се нашло на патот. Локалните жители опишуваат сцени на паника и бегство, во обид да си ги спасат животите.
Devastating floods destroy homes and hotels in Kheerganga, Uttarakhand, India 🇮🇳 (05.08.2025) pic.twitter.com/hK2HGbYE0i
— Disaster News (@Top_Disaster) August 5, 2025
„Сè се случи за неколку минути. Луѓето врескаа и трчаа, некои не успеаја да избегаат на време“, изјави еден очевидец за локалната телевизија.
Спасувачките тимови веднаш се активираа, но условите се крајно тешки – тешко пристапни терени, нестабилно време и опасност од нови лизгања на земјиштето.
На снимки од местото на несреќата се гледа каллива вода како се влева низ селата, претворајќи ги улиците во диви реки, додека уништените објекти сведочат за силата на природната непогода.
Индиските власти прогласија вонредна состојба во регионот и апелираа за претпазливост и евакуација во погодените подрачја.
Според експертите, ваквите екстремни појави се сè почести поради климатските промени и претставуваат огромна закана за планинските места.
Состојбата останува критична, додека трае потрагата по преживеани и проценката на штетата.
![]()

