Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека враќањето на Крим под контрола на Украина или нејзиното членство во НАТО „не се на маса“. На социјалната мрежа Трут сошал, Трамп порача дека Зеленски може веднаш да стави крај на војната, но без овие две опции.
Украинскиот претседател денеска во Вашингтон ќе се сретне со Трамп, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и други европски лидери, по средбата на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска. Иако таму не беше договорен прекин на огнот, Москва и Вашингтон најавија „силни безбедносни гаранции“ за Украина во случај на мировен договор.
Трамп истакна дека разгледува модел на колективни безбедносни гаранции за Украина сличен на НАТО, но без формално членство. Според неговиот специјален пратеник, Москва е подготвена на одредени отстапки за дел од украинските региони, додека бара задржување на делови од Донбас.
Зеленски нагласи дека Киев нема да прави територијални отстапки и дека очекува јасни одговори од Вашингтон и европските партнери. Состанокот во Белата куќа е закажан за 19 часот по средноевропско време.
![]()

