Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека израелско-палестинскиот конфликт во Појасот Газа мора да добие крај во најскоро време, предупредувајќи дека човечките загуби и страдања стануваат неподносливи.
„Мислам дека во рок од две до три недели ќе има решение кое ќе биде ефективно и ќе донесе вистински резултати,“ изјави Трамп во понеделникот пред новинарите, пренесуваат меѓународните медиуми.
Иако и претходно Трамп ветуваше крај на војната, неговите изјави не беа проследени со конкретни мерки за прекин на огнот или овозможување непречен проток на хуманитарна помош. Илјадници цивили во Газа продолжуваат да живеат под израелска блокада, со ограничен пристап до вода, храна и медицинска грижа.
Според „Ал Џезира“, за време на неговата администрација, Израел доби милијарди долари во оружје од САД, додека Вашингтон постојано ги одбиваше иницијативите на меѓународната заедница за признавање на палестинска држава. Овој став дополнително го зајакна влијанието на Израел во регионот, но истовремено ја намали можноста за мировен процес.
„Ова мора да заврши, затоа што меѓу гладот и сите останати проблеми – полошо и од глад – луѓето се убиваат,“ нагласи Трамп.
Контроверзиите околу неговите ставови не се новост. Во февруари годинава тој предложи „целосно иселување на палестинците од Газа“, план кој беше остро критикуван како етничко чистење и како потенцијално кривично дело против човештвото. Таквиот предлог наиде на силни реакции од страна на меѓународните организации и дел од американската јавност.
И покрај неговите последни изјави, засега нема навестувања дека израелската влада е подготвена за компромис или дека ќе се воспостави стабилно примирје. Судбината на повеќе од два милиони жители на Газа и понатаму останува неизвесна.
![]()

