Европа подготвува прецизни планови за испраќање мултинационални сили во Украина со поддршка од САД

Европската унија, со американска поддршка, изработува „прецизно дефинирани планови“ за распоредување мултинационални сили во Украина во рамки на поствоените безбедносни гаранции, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во интервју за Фајнаншел тајмс.

Според Фон дер Лајен, американскиот претседател Доналд Трамп дал уверување дека Вашингтон ќе биде дел од новиот безбедносен аранжман.

„Американската присутност е јасна и повеќепати потврдена“, нагласи таа.

Планот, како што наведува Фајнаншел тајмс, би можел да опфати десетици илјади војници предводени од европските држави, додека САД би обезбедиле командни и контролни системи, како и разузнавачка и надзорна поддршка.

Овој безбедносен пакет, според дипломатски извори, бил договорен минатиот месец на средби меѓу Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и водечки европски лидери.

Во четврток во Париз е закажан нов состанок на највисоко ниво, на кој треба да учествуваат германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Стармер, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателката на Европската комисија.

Средбата е свикана по покана на францускиот претседател Емануел Макрон, со цел да се продолжат разговорите за иднината на Украина и европската безбедност.

Loading