Пекинг овие денови е центар на светската политика. Во личната резиденција на кинескиот претседател Си Џинпинг, беше одржан продолжен разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот домаќин, овој пат во поинтимна и симболична атмосфера, со шолја чај.
Како што јавува руската новинска агенција ТАСС, средбата покрај двајцата лидери ја следеле и најблиските луѓе од Москва: министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, заменикот на шефот на администрацијата на претседателот, Максим Орешкин, помошникот на Путин Јуриј Ушаков и министерот за одбрана Андреј Белоусов. Овој состав јасно покажува дека разговорите биле далеку од протоколарни гестови, темите биле од суштинско значење за иднината на двата народа, но и за глобалната сцена.
Претходно, во поширок формат, Путин и Си разговараа во присуство на делегации за зајакнување на „сèопфатното партнерство и стратешка интеракција“ меѓу Русија и Кина. На маса биле ставени и практичната соработка, заедничките иницијативи на мултилатерални платформи, како и најважните регионални и глобални прашања.
Средбата се одржува на маргините на одбележувањето на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, настан што Пекинг го користи како сцена за демонстрација на новата геополитичка реалност. Во рамки на Шангајската организација за соработка (SCO), Кина во Тјенџин собра повеќе од 20 лидери, меѓу кои и Путин и индискиот премиер Моди, презентирајќи иницијатива за „нов светски поредок“ – мултиполарен, праведен и ослободен од доминацијата на една сила.
Истовремено, со свеченоста во Пекинг, на која присуствуваа и Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, Си Џинпинг јасно демонстрира создавање нов сојуз насочен кон предизвикување на западниот модел на меѓународен поредок.
Она што започна како формална прослава, се претвори во геополитичка порака: Москво-Пекинг-Пјонгјанг е тројката што сака да ја прекрои архитектурата на светските односи. А чаша чај во резиденцијата на кинескиот претседател, можеби, е симболот на тој пресврт.
![]()

