Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно се огласи во врска со воената парада во Пекинг, нагласувајќи дека на таа свеченост требало да се истакне улогата што Америка ја имала во поразот на Јапонија за време на Втората светска војна.
„Мислам дека тоа беше исклучително убава и многу импресивна церемонија,“ изјави Трамп од Овалната соба, само неколку часа откако на социјалните мрежи навести дека собирот на светските лидери во Пекинг би можел да значи заговор против САД.
Американскиот претседател додаде дека внимателно го следел говорот на кинескиот лидер Си Џинпинг, кого го нарече свој пријател, но изрази разочараност што САД не биле спомнати: „Многу ѝ помогнавме на Кина и заслуживме барем да бидеме спомнати,“ рече Трамп.
Парадата, организирана по повод 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна, собра бројни сојузници на Пекинг, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Јонг -ун. Настанот ја демонстрираше воената моќ на Кина со јасна порака за одвраќање на потенцијални противници, меѓу нив и самите САД.
И покрај актуелните тензии меѓу Вашингтон и Пекинг околу безбедносните прашања и трговските спорови, Трамп често ја нагласува својата лична блискост со Си, тврдејќи дека тоа може да помогне во намалување на кризата.
Сепак, неговата објава на Truth Social за време на самата парада предизвика жестоки реакции:
„Срдачно ги поздравувам Владимир Путин и Ким Јонг-ун додека заедно работите против САД,“ напиша Трамп.
Кремљ реагираше на изјавата, наведувајќи дека не постои никаква завера и додавајќи дека пораката на Трамп треба да се сфати како иронична.
![]()

