Трамп го вознемири светот – Министерството за одбрана се враќа во „Министерството за војна“ по 75 години

Историска одлука што отвора прашања за иднината на глобалната безбедност.

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која Министерството за одбрана повторно го добива старото име – „Министерство за војна“. Одлуката, прва по цели 75 години, предизвика шок во Вашингтон и бурни реакции ширум светот.

Трамп ја потпиша наредбата во свечена атмосфера во Овалниот кабинет, истакнувајќи дека враќањето на старото име претставува „симбол на сила и победа“.

– Ова испраќа порака на победа и моќ до нашите сојузници, но и јасен сигнал до нашите непријатели, изјави американскиот претседател, додавајќи дека процесот ќе продолжи без потреба од формално гласање во Конгресот.

Со оваа наредба, актуелниот министер за одбрана Пит Хегсет и неговите заменици ќе можат официјално да ги користат титулите „министер за војна“ и „заменик министер за војна“ во службена комуникација и јавни настапи.

Сепак, за промената трајно да стапи на сила, ќе бидат потребни дополнителни законодавни и извршни мерки. Иако вакви преименувања на ресори се исклучително ретки и бараат одобрување на Конгресот, тесното мнозинство кое републиканците на Трамп го имаат и во Сенатот и во Претставничкиот дом значително ја зголемува веројатноста оваа иницијатива да помине без посериозен отпор.

Историски гледано, името „Министерство за војна“ се користело до крајот на Втората светска војна, кога било заменето со „Министерство за одбрана“ за да се потенцира улогата на Пентагон во спречувањето конфликти, а не во нивно поттикнување.

Сега, со оваа контроверзна промена, се отвораат нови прашања за американската стратегија и за сигналот што САД го испраќаат кон остатокот од светот – дали станува збор за зацврстување на позицијата или за најавување на нова ера на конфронтација.

Loading