Скопје стана сведок на историски музички момент, вчеравечер кога легендарниот шпански тенор и диригент Пласидо Доминго приреди незаборавна вечер во арената „Борис Трајковски“.
Во придружба на оркестарот и хорот на Националната опера и балет, како и светски познатата сопранистка Марија Жозе Сири, под диригентската палка на маестро Марчело Рота, концертот донесе врвно музичко доживување кое ќе остане врежано во срцата на присутните.

Доминго пееше на три јазика, на шпански, италијански и на германски. Со својата извонредна сценска присутност и безвременска уметничка големина, ја освои публиката и докажа зошто веќе повеќе од половина век е едно од најпочитуваните имиња во светот на класичната музика.


На настанот присуствуваа бројни познати личности од јавниот живот, меѓу кои и виртуозот Симон Трпчески. Меѓу политичарите пак, присутен беше и премиерот Мицковски, министерот за култура Зоран Љутков и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.


Вечерта беше вистински уметнички спектакл, исполнет со емоции, страст и врвна виртуозност. Концертот во Скопје е уште едно дополнување на импресивната кариера на Доминго, која опфаќа повеќе од 4.400 настапи и 12 освоени Греми награди.
Доминго, кој е познат и како претседател и основач на престижниот меѓународен натпревар за пеење „Опералија“, не престанува да ја зацврстува својата репутација како еден од најголемите оперски уметници на сите времиња. Освен како пејач, тој има изградено значајна кариера и како диригент со над 600 настапи.
Настапот на Доминго во Скопје е второто гостување на еден од славните „Тројца тенори“ во Македонија, по концертот на Хозе Карерас на „Охридско лето“ во 2005 година.
Оваа вечер, која ја донесе врвна уметничка магијата во срцето на Балканот, ја постави Македонија на светската уметничка мапа и беше момент кој нема да се заборави.
![]()

