Во сите храмови на Европската епархија на МПЦ – ОА, на 23 март: Европа во молитва и солидарност за жртвите од пожарот во Кочани

Во сите храмови на Европската епархија на МПЦ – ОА, на 23 март ќе се одржат молитви за покој на душите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“, додека верниците низ цела Европа ќе собираат средства за поддршка на нивните семејства и повредените.

Страшниот пожар во Кочани, кој однесе 59 млади животи, остави неизбришлив белег во срцата на многумина. Деновите на болка и жалост се обединети во молитва и хуманост, a црквите ќе станат места на духовна утеха, но и центри за собирање донации за погодените семејства.

– Додека заедно ја делиме болката од загубата на младите животи и опстојуваме во надеж за оздравување на повредените, ги повикуваме сите верници да ни се придружат во молитвите за покој на душите на прерано починатите слуги Божји – порачаа од Европската епархија на МПЦ – ОА, со благослов на владиката Пимен.

По богослужбите, ќе бидат организирани хуманитарни акции, при што верниците ќе имаат можност да дадат донации во специјално формирани фондови за помош. Фондовите ќе бидат транспарентни, а собраните средства ќе бидат насочени кон семејствата на жртвите и оние што се на лекување.

– Остануваме отворени за секоја соработка и помош, за заеднички да го носиме товарот на оваа голема трагедија и да им дадеме поддршка на оние што претрпеа неизмерна болка – се заклучува во соопштението со благослов на митрополитот европски Пимен.

Loading