Што не се прави в понеделник по Духовден: А ова овошје треба да го имате во домот

По празникот Духовден, односно Педесетница, следува Духовденски понеделник. Денес се славеше еден од најголемите христијански празници – Света Троица, познат и како Духовден, кој се паѓа на 50-тиот ден по Велигден и 10 дена по Спасовден. Утре пак, 9 јуни, Македонската православна црква и верниците го одбележуваат првиот ден по Духовден.

Празнувањето продолжува цела седмица, која се нарекува Трапава или Бела седмица – не се пости, дури ни во среда и петок.

Во македонската традиција, за овој ден постојат повеќе народни верувања:

Девојките што ќе се измијат со вода во која претходно стоело цвеќе, ќе имаат чисто и светло лице цела година. Според дург обичај пак, момчињата кои ќе добијат венче од девојка, се верува дека ќе ја завршат годината како младоженци.

Што не треба да се прави на Духовденски понеделник

На Духовденски понеделник не се вршат тешки домашни работи, особено не се работи со игла, нож или алат. Се смета дека ваквото однесување претставува непочитување кон апостолите и светците, и е знак на духовна незаинтересираност.

А што треба да се направи според верувањата?

На овој ден, домовите традиционално се украсуваат со свежи билки, со зеленило, за да се внесе благослов и да се одвратат лошите влијанија.Во некои места се одржуваат семејни гозби, при што се спомнуваат и починатите, а на гробиштата се носат  цреши, како симбол на љубов и почит кон претците. Цреши за благодат во домот се ставаат и на домашната трпеза.

Духовден понеделник е ден за молитва, внатрешен мир и семејно заедништво. Иако не е службен празник во Македонија, традицијата и духовното значење се длабоко вкоренети кај верниците. Затоа, поминете го денот со почит, спокој и благост.

Loading