Што смеете да внесете во Црна Гора ако летово одите на одмор: Корисни информации за да избегнете казна

Со доаѓањето на летото започнува и сезоната на годишни одмори, а многу граѓани слободните денови ги користат за одмор на Црногорското приморје. Ако сте меѓу нив и се подготвувате за пат кон Црна Гора, добро е да знаете што смеете да понесете со себе.

Пари

Во Црна Гора без пријавување кај царинските органи, можете да внесете до 10.000 евра или еквивалентна вредност во друга валута. Ако носите над 10.000 евра, должни сте да ги пријавите при влез. Во спротивно, парите ќе ви бидат привремено одземени, бидејќи се смета за прекршок.

Храна

Може да понесете најмногу три килограми свежо овошје и зеленчук (освен компир), како и храна за лична употреба во мали количини, и тоа:

1 кг сушено овошје, зеленчук, сушени печурки, кафе, какао во зрно, зачини и чаеви

1 литар алкохол во оригинално пакување

2 литра други пијалаци во оригинално пакување

5 литри флаширана вода

1 кг комбинирана или друга храна во оригинално пакување што не бара ладилник

Може да понесете и бебешка и диетална храна, под услов да не бара посебни услови за чување и да е во неоштетено пакување со декларација.

Лекови

Лекови за лична употреба се дозволени во количина до шест месеци. Ако лекот содржи контролирана супстанца, мора да имате потврда од лекар не постара од 90 дена, и да носите количина за најмногу 30 дена.

Миленичиња

Може да ги понесете вашите миленици, но мора да имаат пасош од ветеринар и соодветен здравствен сертификат.

Царински ослободувања

Не се плаќаат царина и ДДВ за:

Личен багаж до 300 евра (во автомобилски сообраќај)

До 430 евра (во авионски/поморски сообраќај)

До 150 евра за деца под 15 години

Дополнително, дозволени се:

200 цигари, 100 цигарилоси, 50 пури или 250 г тутун (или пропорционална комбинација)

1 литар алкохол над 22% или 2 литри до 22%

4 литри непенливо вино

2 литра пиво

До 2 литра газирана вода

Овие ослободувања не важат за лица под 17 години,  освен за газираната вода.

Loading