Црногорски режисер протеран од Србија поради колумна за Вучиќ: Бил задржан со часови на информативен разговор

Српските власти го протерале црногорскиот режисер и колумнист на порталот Аналитика, Данило Маруновиќ, откако претходно бил приведен од страна на Безбедносно-информативната агенција (БИА), потврдиле за медиумите членови на неговото семејство.

Неговиот татко, Слободан Маруновиќ, изјавил дека сè уште не знае зошто неговиот син бил приведен утрово, а порталот Аналитика јавил дека властите го спровеле до граничниот премин.

Аналитика тврди дека повод за акцијата на српската безбедносна служба против режисерот била неговата колумна со наслов „Со Видовден против Вучиќ“, објавена во средата на нивниот портал.

Оваа информација ја објавил и самиот Маруновиќ, а за порталот ја потврдил и член на неговото семејство. Маруновиќ нагласил и дека информативниот разговор во седиштето на БИА бил „исцрпувачки долг“.

Амбасадорот на Црна Гора во Србија, Небојша Ѓоковиќ, за Радио Слободна Европа изјави дека Маруновиќ бил приведен, но дека сè уште нема информации за основата на таквиот чин од страна на српската безбедносна служба.

Во Народниот театар во Белград за вечерва било закажано изведување на претставата на Црногорското народно позориште според драмата на Мирослав Крлежа „Господа Глембаеви“, чиј режисер е токму Данило Маруновиќ.

Неговиот брат, Благота Маруновиќ, денес изјавил за телевизијата Инсајдер дека Данило веќе бил депортиран од Србија, а како причина било наведено одржување на протест во Белград, на кој во саботата повикало студентското движење.

„Сега се упатува кон Македонија, а оттаму ќе продолжи за Црна Гора. Како причина беше наведено тоа што утре се одржува протест во Белград“, изјави Благота Маруновиќ.

Loading