Во сцена налик на хорор-филм, во приватен крематориум во мексикански град Сиудад Хуарез (Северно Мексико), полицијата открила дури 381 човечко тело кои биле неправилно складирани, некремирани, туку оставени да се распаѓаат со години, едно врз друго, во неколку простории од објектот.
Информацијата ја потврдија и од државното обвинителство на сојузната држава Чивава. „Прелиминарно, имаме 381 тело што се чувале спротивно на прописите, без да бидат кремирани“, изјави портпаролот на обвинителството, Елои Гарсија, за агенцијата AFP.
Телата биле балсамирани, но небрежно натрупани на подот, без никаков ред, а властите сметаат дека некои од нив таму стоеле и повеќе од две години.
„Ги оставале така, едно преку друго, како да се работи за отпад, а не за човечки тела“, изјави Гарсија за Guardian.
Шокантно е и тоа што на семејствата кои мислеле дека телата на нивните блиски се кремирани, им бил предаден друг материјал наместо пепел, откри обвинителството.
Според Гарсија, сопствениците на крематориумот се обвинети за тешка небрежност и непрофесионално работење. „Секој што управува со ваков објект знае колку тела може дневно да обработи. Не смееш да примаш повеќе отколку што можеш да кремираш“, потенцира тој.
Еден од управителите на крематориумот веќе сам се предал на властите.
Оваа морбидна ситуација е уште еден доказ за долгогодишната криза на мексиканскиот форензички систем, кој се соочува со огромен број тела како последица на организираниот криминал, ограничен капацитет, недостиг на кадар и финансиски ресурси.
Мексико, земја во која илјадници лица се водат како исчезнати, и претходно била критикувана за нехумано постапување со телата на жртвите. Овој случај дополнително го разголува системскиот колапс и недостигот на надзор во погребалниот сектор.
Обвинителството продолжува со истрагата, а телата се предмет на понатамошни форензички анализи. Не се исклучува можноста дел од телата да припаѓаат на жртви на насилни злосторства, што дополнително ја комплицира ситуацијата.
Во меѓувреме, јавноста во Мексико е згрозена и бара одговорност и строги казни за виновните.
![]()

