Украинскиот претседател Володимир Зеленски, реагирајќи на повикот на рускиот лидер Владимир Путин за средба во Москва, изјави дека таквиот предлог всушност покажува дека Кремљ не е искрено заинтересиран за преговори и мир.
Зборувајќи на прес-конференција во Париз на 4 септември, по состанокот на група држави подготвени да ѝ обезбедат воена помош на Украина, Зеленски нагласи дека за поканата бил информиран преку американски посредници.
„Нашите американски партнери ни кажаа дека Путин ме поканил во Москва. Јас верувам дека ако навистина сакате состанок, нема да повикате некого кај себе, тоа е начин да се избегне средба“, изјави Зеленски.
Сепак, украинскиот лидер оцени дека и самото отворање на прашањето за евентуална средба не е негативно.
„Фактот дека Русија воопшто почна да зборува за состанок не е лошо. Но, засега не гледаме реална желба од нивна страна да го завршат војувањето. Вистинските лидери треба од еден ваков состанок да излезат со конкретен резултат, најдобро со крај на војната“, додаде тој.
Од другата страна, рускиот претседател Владимир Путин, на конференција за новинари во Пекинг еден ден претходно, изјави дека е подготвен да се сретне со Зеленски, но само доколку украинскиот лидер ја посети Москва.
„Никогаш не сум одбил средба, под услов таа да биде добро подготвена и да може да донесе позитивни резултати. Американскиот претседател Доналд Трамп ме праша дали би можел да организирам таков состанок, и одговорив дека е можно. На крајот, ако Зеленски е подготвен, нека дојде во Москва, тогаш средбата ќе се одржи“, изјави Путин.
![]()

