Одлуката е донесена, а се однесува на едногодишна забрана за TikTok поради поттикнување насилство меѓу децата.
Оваа мерка беше преземена по трагичниот инцидент минатата година, кога 14-годишно момче беше убиено со нож од својот училишен другар. Локалните медиуми известуваат дека објави на социјалните мрежи, вклучително и на Тик ток, биле поврзани со насилството што му претходело на убиството.
Албанија денеска воведе забрана за користење на социјалната мрежа Тик ток (TikTok) во траење од една година, поради содржините што, според властите, поттикнуваат насилство, особено кај младите.
Одлуката за забрана на Тик ток се разгледуваше уште минатата година, а властите веќе контактирале со компанијата за да се воведат филтри за родителска контрола, проверка на возраста на корисниците и интеграција на албанскиот јазик во апликацијата. Албанската министерка за образование, Огерта Манастирлиу, изјави дека властите одржале повеќе од 1.300 состаноци со околу 65.000 родители, кои генерално ја поддржуваат оваа забрана или ограничување.
Од друга страна, албанската опозиција остро се спротивставува на мерката, оценувајќи ја како „чин на нетолеранција, сеење страв и терор врз слободата на мислење и изразување“. Во знак на протест против одлуката, за 15 март се најавени демонстрации.
Тик ток, платформата во сопственост на кинеската компанија ByteDance, ги оспорува тврдењата дека сторителот и жртвата имале активни профили на нивната мрежа, нагласувајќи дека насилните видеа поврзани со инцидентот наводно биле објавени на други социјални мрежи.
Овој потег доаѓа во време кога неколку европски земји веќе воведуваат ограничувања за малолетници на социјалните мрежи. Австралија минатата година изгласа целосна забрана за користење на Тик ток од страна на деца под 16 години, додека САД исто така размислуваат за забрана на апликацијата, барајќи од ByteDance да ја продаде поради безбедносни закани.
![]()

