Тест-ракетата, која требаше да означи почеток на новата ера на комерцијални вселенски лансирања од европско тло, се урна и експлодираше помалку од една минута по полетувањето од вселенското пристаниште во Норвешка. Лансирањето беше организирано од германскиот стартап Isar Aerospace, а стануваше збор за пробен лет.
Ракетата Spectrum, без екипаж, претставуваше прв обид за орбитално лансирање од европскиот континент. Неколку европски земји, меѓу кои Шведска и Велика Британија, се обидуваат да освојат дел од растечкиот пазар на комерцијални вселенски летови. Од Isar Aerospace, од каде претходно предупредија дека првото лансирање може да заврши предвреме, изјавија дека мисијата сепак донела вредни податоци од кои нивниот тим ќе учи.
Ракетата Spectrum беше дизајнирана за лансирање на мали и средни сателити со маса до еден тон, иако во овој лет не носеше никаков товар. Лансирањето беше извршено од пристаништето Андоја, во арктичкиот дел на Норвешка. Целта на мисијата беше да се тестираат сите системи на ракетата во еден интегриран лет, соопшти минатата недела оваа баварска компанија.
Isar Aerospace, со седиште во Минхен, претходно истакна дека дури и 30 секунди успешен лет би бил значаен резултат. Иако не беше предвидено ракетата да стигне до орбитата, ова лансирање сепак означи прв обид за комерцијален орбитален лет од европско копно, исклучувајќи ја Русија.
Европа се стреми кон вселенска независност
Европските земји со години се потпираа на лансирања од руските вселенски станици, но соработката беше прекината по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Во меѓувреме, американските компании како SpaceX, Lockheed Martin и Boeing се наметнаа како водечки играчи во сè подинамичната индустрија за лансирање сателити. Во оваа трка се вклучуваат и кинески компании кои се обидуваат да го достигнат темпото на конкурентите.
Ракетата Spectrum е развиена речиси целосно од страна на Isar Aerospace и треба да биде способна да лансира товар до 1000 килограми во ниска Земјина орбита – област на вселената до 2000 километри над Земјата, каде што повеќето сателити остануваат во стабилна патека околу планетата.
Ова лансирање, и покрај неуспехот, покажува дека Европа активно се движи кон развој на сопствени комерцијални вселенски капацитети, со цел да остане конкурентна на глобалниот пазар.
![]()

