Директорката на добротворниот фонд на принцот Хари го обвини за малтретирање: Скандалот се продлабочува

Скандалот со заминувањето на принцот Хари од неговата добротворна организација Sentebale се продлабочува.

Актуелната директорка на организацијата, д-р Софи Чандаука, го обвини војводата од Сасекс за „масовен мобинг и малтретирање“, нарекувајќи го брендот Сасекс „токсичен“. Ова го изјави во интервју за Тревор Филипс од „Скај њуз“ (Sky News).

„Во суштина, вие тврдите дека војводата од Сасекс е виновен за прогонување, малтретирање и несоодветно управување со добротворната организација?“ – праша водителот.

Во одговорот, Чандаука посочи дека принцот Хари јавно објавил информации за нејзиното заминување, без притоа да ја извести неа или регионалните директори, што таа го смета за „напад“ и „пример за масовно малтретирање“.

„Ако светот не сака да верува дека мобингот постои, тогаш ова беше напад од страна на машинеријата на Сасекс врз мене и 540 вработени во Sentebale, кои беа приморани да се справуваат со тоа…“ – изјави Чандаука, алудирајќи на медиумската поддршка што ја ужива принцот.

Разладените односи започнале порано

Според Чандаука, односите меѓу нив почнале да се влошуваат уште минатата година. Како пример, таа го посочи добротворниот настан Polo Challenge во Мајами, кога принцот Хари инсистирал да ја земе со себе неговата Нетфликс екипа за снимање, што, според неа, ја нарушило организацијата на настанот.

„Околу еден месец пред настанот, принцот Хари ја контактираше екипата и им рече: ‘Правам емисија за Нетфликс и би сакал да ја донесам мојата екипа за снимање, за да вклучиме неколку кадри во емисијата.’ Тимот ми се јави и ми кажа: ‘Принцот Хари ја даде оваа молба, па ќе го направиме тоа.’ Јас им реков дека не можеме да го направиме тоа без согласност од сопствениците на имотот, спонзорите и сите гости. Никој не се пријавил за учество во Нетфликс емисија.“

Поради договорните обврски со локацијата каде што требало да се одржи настанот, присуството на екипа за снимање би го направило комерцијален настан, што добротворната организација не можела да си го дозволи. Како резултат на тоа, тие ја изгубиле локацијата.

На крајот, Sentebale успеала да најдат друга локација преку врските на принцот Хари, а на настанот присуствувале и војводата и војвотката од Сасекс.

„Ќе бевме многу возбудени ако знаевме однапред, но не знаевме. Затоа, сè на сцената беше хаотично, имаше премногу луѓе. Меѓународниот прес го забележа тоа, а имаше многу дискусии за војвотката и за тоа дали требаше да биде таму“, објасни Чандаука.

Принцот Хари ја замолил Чандаука да даде изјава во поддршка на војвотката Меган, но таа одбила

„Не затоа што не ми беше грижа за војвотката, туку затоа што знаев што ќе се случи ако го направам тоа. И, второ, затоа што ние не можеме да бидеме продолжение на Сасекс.“

Тензии на сцената и конфликтот со Меган Маркл

На снимките од настанот во април 2024 година, се гледа како Меган Маркл ѝ кажува на д-р Чандаука да не позира покрај Хари додека тој го прославувал Royal Salute Polo Challenge во Флорида.

Прво, војвотката е забележана како ги координира луѓето околу сцената по доделувањето на трофејот. Чандаука, која стоела оддесно на принцот, двапати била замолена од Меган да застане на неговата лева страна, додека Хари ја прегрнувал сопругата. На крајот, Чандаука морала незгодно да се протне под трофејот за да застане каде што ѝ било кажано.

Со текот на времето, ситуацијата дополнително ескалирала, а Чандаука на крајот му порачала на принцот Хари:

„Тимот е цврсто решен Sentebale да продолжи да постои – со или без вас.“

Таа истакна дека „брендот“ на Сасекс ѝ наштетил на организацијата:

„Ризик број еден за оваа организација беше токсичноста на брендот на нејзиниот главен покровител.“

Понатаму, според неа, контроверзиите околу принцот Хари, откако се пресели во САД, ја намалиле способноста на организацијата да привлече нови донатори и да ангажира високи раководни кадри.

Loading