Трамп не воведе царини за Русија и за Северна Кореја, еве го објаснувањето зошто

Во обемниот пакет на нови царински мерки што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, неколку земји не се на листата, меѓу кои Русија и Северна Кореја.

За разлика од Кина, Европската унија или од Индија, кои се соочуваат со драстично зголемување на царините, Москва и Пјонгјанг останаа надвор од овој царински бран. Причината не е политичка попустливост, туку комбинација на постојни санкции, минимална трговија и геополитички калкулации. Така барем тврдат од Белата куќа, пренесува Индекс.хр.

Портпаролката на Белата куќа, Каролајн Левит, изјави за „Аксиос“ дека Русија не е опфатена со царините бидејќи американските санкции веќе  оневозможуваат било каков значаен обем на трговија. „Сепак, САД сè уште тргуваат повеќе со Русија отколку со држави како Маурициус или Брунеј, кои се најдоа на Трамповата листа за царини. Дури и оддалечени островски територии како Токелау (1.500 жители) во Пацификот и Свалбард (2.500 жители) во Арктичкиот круг — територии на Нов Зеланд и Норвешка — се опфатени со новите царини“, потсетува „Аксиос“.

Левит нагласи дека Куба, Белорусија и Северна Кореја исто така се изоставени бидејќи веќе имаат исклучително високи царини и санкции.

Постојните санкции против Северна Кореја и Русија – замена за царини

Двете земји веќе со години се подложени на обемни американски санкции. Русија, поради инвазијата на Украина, е под удар на санкции што ја погодуваат финансиската индустрија, енергетскиот сектор и воената индустрија. Трговијата со САД опадна од 36 милијарди долари во 2021 година на само 3,5 милијарди во 2024 година, што го прави воведувањето дополнителни царини економски бесмислено.

Северна Кореја е уште поизолирана – американските и меѓународните санкции речиси целосно ја забрануваат трговијата, освен во хуманитарни случаи. Според аналитичарот Саурав Гош, „илегалните канали се доминантни, па царините не би имале никаков реален ефект“.

Трговска безначајност

Во вкупната структура на американската трговија, Русија и Северна Кореја учествуваат со помалку од 0,1%. Од друга страна, Кина во 2024 година оствари трговски суфицит од речиси 300 милијарди долари со САД, поради што е погодена со царинска стапка од дури 34%.

Геополитички калкулации

Исклучувањето на Москва и Пјонгјанг може да има и дипломатска позадина. Администрацијата на Доналд Трамп можеби сака да остави простор за можни преговори – со Русија во однос на Украина, а со Северна Кореја во врска со нејзината нуклеарна програма.

Loading