Неколку лица поднеле пријава до романската Управа за истрага на организиран криминал и тероризам (DIICOT) против познатиот холивудски актер Жан-Клод Ван Дам поради наводно влегување во сексуални односи со неименувани романски државјанки за кои знаел дека се жртви на трговија со луѓе.
Адвокатот на една од нив, Адријан Кукулис, изјавил за ЕФЕ дека Ван Дам „е обвинет дека истовремено користел сексуални услуги од млади Романки во ранлива положба“.
„На настан организиран од Жан-Клод Ван Дам во Кан, неколку Романци, кои моментално се под истрага за формирање криминална група и посредување во проституција, наводно му понудиле на Жан-Клод Ван Дам пет Романки. Лицето кое ги прифатило овие услуги било свесно за ситуацијата на жените“, изјавил Кукулис.
Еден од луѓето со кои Ван Дам наводно се сретнал е романскиот бизнисмен и сопственик на модната агенција Морел Болеа, пишува Евроњуз (Euronews).
Според Кукулис, инцидентот со Жан-Клод Ван Дам е дел од поголема истрага која романското обвинителство ја започнало во 2020 година за трговија со луѓе, вклучително и малолетни лица.
Имајќи ја предвид локацијата на наводните дејствија, францускиот суд треба да даде одобрение за покренување на кривична постапка, за да може осомничените да бидат повикани во Романија.
![]()

