Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека предлогот на Европската унија за целосно, реципрочно укинување на царините за индустриските производи, вклучително и автомобилите, не е доволен за да се откаже од мерките што ги најави минатата недела.
„Не, тоа не е доволно“, одговори Трамп на предлогот што во понеделникот го изнесе претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Европската унија се однесува многу, многу лошо кон нас“, додаде американскиот претседател, кој во средата најави царини за целиот свет, а за Европската унија од 20 отсто, пренесува Вечерњи лист.
Трамп смета дека трговскиот дефицит меѓу САД и ЕУ брзо ќе исчезне благодарение на зголемената европска набавка на американски енергенси.
„Тие мора да купуваат и да се обврзат на купување на количина енергија што е еднаква на овој трговски дефицит“, додаде тој. Не прецизираше дали тоа би резултирало со укинување на царините против ЕУ.
Говорејќи за дефицитот, Трамп спомена сума од 350 милијарди долари. Сепак, трговскиот дефицит со ЕУ во 2024 година бил значително понизок – според американските податоци, изнесувал 235,6 милијарди долари, а според Евростат – 216,8 милијарди.
„Предложивме нулта царина за индустриските производи. Европа секогаш е подготвена да постигне добар договор“ со САД, изјави фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел. Но, „исто така сме подготвени да одговориме со контрамерки и да ги браниме нашите интереси“, предупреди таа.
![]()

