Ѓурѓовден претставува уникатен спој на древни верувања и христијанска традиција. Со своите бројни обичаи и симболики, овој ден ја слави природата, животот, обновата и заедништвото – вредности кои се длабоко вкоренети во народната култура.
Ѓурѓовден се смета за симболична граница меѓу зимата и летото и се поврзува со здравјето на семејството, плодноста на добитокот, бериќетот на полињата, како и среќата и љубовта кај младите.
Празникот го слават и православни и католици, секој според својот календар, како денот на Свети Ѓорѓи.
Во пресрет на празникот, според народните верувања, домовите и дворовите се украсуваат со свежи зелени гранчиња и венчиња од пролетни билки – како симбол на обновата и бериќетот. Се плетат венчиња од здравец и полско цвеќе и се ставаат над вратите, каде остануваат до следниот Ѓурѓовден.
Домаќинките во сад со вода ставаат пролетни билки, гранче од дрен, здравец, црвено велигденско јајце, и тоа се остава преку ноќ. Наутро, со таа вода се попрскуваат сите членови на семејството – децата за здравје, девојките за љубов, возрасните за среќа.
Многу луѓе одат на река пред изгрејсонце за да се искапат – верување поврзано со прочистување и здравје. Во некои места, се палат огнови како заштита од зли сили, кои според верувањето се активни на Ѓурѓовден.
На празникот се организираат заеднички собири во природа со песна, игра и традиционална храна, каде што младите се китаат со билки и цвеќиња со симболично значење за напредок и задравје. Се верува дека за да останете здрав во текот на целата година, на Ѓурѓовден не треба да спиете.
![]()

