Српската музичка легенда, кантавторот Оливер Мандиќ, ќе биде еден од специјалните гости на годинашното 32. издание на интернационалниот музички фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури“. Мандиќ ќе настапи на Интернационалната вечер, која ќе се одржи на 30 август на сцената на Долни Сарај, и ќе биде добитник на наградата за трајни вредности, за неговиот безвременски хит „Питају ме, питају“ – песна која го одбележа фестивалот МЕСАМ во Белград во 1984 година.
„Минатата година се навршија точно 40 години од таа победа, а токму тогаш Григор Копров ме покани да дојдам во Охрид и да го одбележиме јубилејот. Поради здравствени причини тоа не се оствари, но годинава со голема радост прифатив. Иако неодамна претрпев тешка операција на ’рбетот, се чувствувам добро и едвај чекам да запеам пред охридската публика“, изјави Мандиќ, додавајќи дека Охрид за него е „како море“ и дека се радува како дете за доаѓањето.
Неговиот последен настап во Охрид бил пред повеќе од 30 години, а охриѓани и љубителите на добрата музика се сеќаваат на таа атмосфера во локален клуб од почетокот на 90-тите. Во Скопје, пак, последен пат настапил во 2010 година, на концерт посветен на Тоше Проески, заедно со браќата Тавитјан и Беби Дол, кога заеднички ја изведоа песната „Пробуди се на час“.
Фестивалот „Охрид-фест – Охридски трубадури“ ќе започне на 29 август со Фолк вечерта, додека на 30 август ќе се одржи Интернационалната вечер. На фестивалската сцена годинава ќе настапат и Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, Сашо Гигов-Гиш, Ана Петановска, Нино Величковски, Благоја Грујовски, Бојан Маровиќ, како и српскиот евровизиски претставник Принц од Врање.
Во изминатите три децении, „Охрид-фест“ прерасна во една од најважните музички манифестации во регионот, на која настапиле врвни имиња од балканската музичка сцена како Калиопи, Тоше Проески, Мики Јевремовиќ, Јасмин Ставрос, „Boney M“, Сања Долежал и многу други.
Ова лето, фестивалската традиција ќе продолжи со настапот на Оливер Мандиќ – еден од најавтентичните музички автори на поранешна Југославија, кој и по неколку децении останува доследен на својот уникатен музички израз и поврзаност со публиката.
![]()

