Сенатор од САД предлага повлекување од НАТО: „Одамна требаше тоа да го направиме, НАТО одамна ја изгуби својата цел“

Американскиот сенатор Мајк Ли го шокираше политичкиот Запад со предлог-закон кој бара повлекување на САД од Северноатлантскиот сојуз (НАТО), потег кој доаѓа веднаш по самитот во Хаг на кој претседателот Доналд Трамп изјави дека не планира да ја напушти Алијансата.

Предлогот, насловен како „Закон за ненадежна организација“ , предвидува САД формално да го раскинат членството во НАТО, да го известат Северноатлантскиот совет и да престанат да учествуваат во финансирањето на Алијансата.

„НАТО одамна ја изгуби својата цел. Америка плаќа со децении за безбедноста на Европа, а тие не го сносат својот дел од товарот. Време е да се стави Америка на прво место“, изјави Ли, нагласувајќи дека одамна САД требале да го напуштат НАТО.

Предлог-законот доаѓа во момент кога во Вашингтон повторно се отвора дебата околу улогата на САД во глобалната безбедност и нејзините обврски кон европските партнери. Иако Трамп претходно отворено го критикуваше НАТО, на самитот во Хаг тој ја поддржа новата заложба на сојузниците за зголемување на одбранбените трошоци на 5% од БДП и изјави дека стои зад членот 5 од договорот, кој се однесува на заедничката одбрана.

И покрај овој став, иницијативата на сенаторот Ли отвора сомнежи во однос на иднината на трансатлантската соработка. Американскиот Конгрес и претходно постави правни пречки за еднострано повлекување од НАТО според законот од 2023 година, за таков чекор е потребна двотретинска поддршка во Сенатот или посебен закон.

Со 53 републикански места од вкупно 100 во Сенатот, предлогот на Ли засега нема доволна поддршка за да стане реалност, но сигнализира дека тензиите околу американското учество во меѓународни сојузи повторно се актуелни на американската политичка сцена.

Loading