Европа се соочува со интензивен топлотен бран кој доведе до затворање на училишта и градинки во повеќе земји, додека властите повикуваат на итни мерки за заштита на децата, старите лица и ранливите групи. Во Франција, според националната метеоролошка служба Météo-France, под тревога се ставени 84 департаменти, вклучително и регионот на Париз. Веќе се затворени над 200 училишта, а бројката би можела да се зголеми доколку екстремните услови продолжат.
Во Германија, иако досега не се бележат масовни затворања, многу образовни институции воведуваат скратена настава, ограничени активности или целосно ослободување од часови поради прегревање на училниците. Сојузните власти предупредуваат дека температурите во делови од земјата ќе надминат 39 степени, што претставува сериозна опасност за децата во простории без соодветна вентилација.
Португалија веќе измери 46,6 степени Целзиусови во градот Мора – што претставува рекорд за месец јуни, додека во Шпанија температурата во Ел Гранадо достигна 46 степени. Во Франција, во некои градови ноќните температури не паѓаат под 25 степени, што ја отежнува ситуацијата особено во урбаните средини.
Метеоролозите предупредуваат дека овој топлотен бран, поттикнат од феноменот наречен „топлотна купола“ , ќе продолжи најмалку уште една недела. Освен Франција, Германија, Шпанија и Португалија, под удар се и Белгија, Италија, Холандија, Луксембург и делови од Балканот. Во Лондон, се очекуваат температури до 34 степени, што е невообичаено високо за британската престолнина.
Францускиот министер за образование објасни дека затворањето на училиштата е „исклучително, но неопходно“ решение за да се заштити здравјето на учениците. Германските здравствени служби, пак, ги повикуваат родителите да внимаваат на симптомите на топлотен удар кај децата и да обезбедат соодветна хидратација и ладење.
Во повеќе земји се препорачува престој во затворени, климатизирани простории, избегнување на физички активности на отворено во најтоплите делови од денот, како и ограничување на движењето на децата и старите лица. Лекарите предупредуваат дека дури и кратко изложување на директно сонце може да предизвика сериозни последици.
Според европските прогнози, овој топлотен бран би можел да стане еден од најдолгите и најинтензивните досега забележани во јуни. Доколку трендот продолжи, можно е повеќе држави да воведат вонредни мерки, вклучително и проширување на затворањето на училишта и градинки на национално ниво.
![]()

