Црна Гора полека, но сигурно се позиционира како ексклузивна дестинација за богати туристи, особено кога се работи за некои од нејзините најпознати плажи кои нудат спектакуларен амбиент, но и цени кои ги надминуваат очекувањата на многумина.
Оваа година летувањето во Црна Гора повеќе не е синоним за пристапен одмор. Цените за лежалки, чадори за сонце, пијалаци, па дури и за влез на плажите на одредени места достигнуваат астрономски висини.
Плажата пред светски познатиот остров-хотелески комплекс Свети Стефан е една од најскапите во регионот. Иако технички дел од плажата е отворен за јавноста, најпривилегираниот дел е резервиран за гостите на луксузниот „Аман ресорт“. Влезот за оние кои не се гости на хотелот може да чини и до 100 евра по лице.
Дневниот закуп на лежалки со чадор за сонце на овој ексклузивен дел од плажата може да достигне и 300 евра, зависно од периодот и расположивоста. Во цената се вклучени постелнина, шише вода, пешкири, како и можноста да се почувствувате како дел од друштвото на светските милијардери.
Во заливот покрај Свети Стефан се наоѓа ексклузивната плажа Маестрал, поврзана со истоимениот хотел и казино. Тука за сет од две лежалки и чадор за сонце дневно се плаќа од 120 до 200 евра, додека во премиум зоната цените се и до 250 евра.
Влезот е бесплатен, но без резервација тешко дека ќе најдете место. Коктелите се по цена од 20 до 30 евра, а шишето вино почнува од 100 евра. Гостите сепак доаѓаат поради мирот, дискрецијата и луксузниот третман.
Иако не е песочна, туку бетонска, плажата Плоче кај Будва стана култно место за дневна забава со диџеј сетови и хедонизам, но и тоа си има своја цена.
Влезот чини 20 евра по лице, лежалките се движат од 50 до 150 евра, во зависност од позицијата и термините. Флаширано пиво во барот се продава за 10 евра, додека шише вино може да достигне и до 200 евра.
Плажата Добрач, лоцирана помеѓу Херцег Нови и Рисан, е достапен само со чамец или брод. Токму ова ја прави плажата ексклузивна, а со тоа и цените повисоки. Лежалките се од 60 до 120 евра, а симболичен влез се наплаќа само ако гостите јадат во локалниот ресторан.
Како и другите луксузни места, Добрач се промовира преку понудата на приватност, дискреција и отсуство на гужви, што секако се плаќа.
Клучните фактори за високите цени на овие плажи се ексклузивната локација, приватноста, луксузните услуги, таргетирањето на богати гости и ограничениот капацитет. Покрај тоа, Црна Гора се стреми да стане „новиот Монако“ на регионот, каде престижот и статусот имаат повисок приоритет од практичноста.
За домашните и просечните туристи, овие плажи се претвораат во недостижни оази на луксуз, достапни само на оние со длабоки џебови или полни картички.
![]()

