По повеќе од еден век забрана, реката Сена што тече низ Париз од денес повторно ќе биде достапна за капење, но само на три специјално уредени места. Ова историско отворање следи по спроведувањето на голем проект за прочистување вреден 1,4 милијарди евра, кој градот Париз го реализираше во пресрет на минатогодишните Летни олимписки игри.
Капењето во Сена беше забрането уште од 1923 година поради високиот степен на загаденост и ризиците поврзани со протокот на реката. И покрај отворањето на капалиштата, капењето надвор од нив останува строго забрането.
Властите соопштија дека од почетокот на јуни резултатите од секојдневните тестирања покажуваат дека квалитетот на водата одговара на стандардите на Европската унија, со само два исклучоци поради дожд и загадување од пловни објекти.
„Водата е почиста од минатата година и резултатите се стабилни“, изјави Пјер Рабадан, заменик-градоначалник на Париз задолжен за спорт.
Капалиштата ќе бидат отворени до крајот на август, а влезот ќе биде бесплатен. Ќе можат да ги користат сите лица постари од 10, односно 14 години, зависно од локацијата. Безбедноста ќе биде обезбедена со присуство на спасувачи.
![]()

