Сиромаштијата во староста би можела да стане реалност за голем дел од Европејците доколку не се спроведат темелни реформи на пензиските системи, предупредува Европската агенција за осигурување и пензии (EIOPA).
„Еден од пет Европејци е во ризик да живее во сиромаштија по пензионирањето, а кај жените ризикот е дури 30 проценти поголем“, изјави директорката Петра Хиелкема.
Брзото стареење на населението значи дека за 40 години ќе има само еден и пол работник за секој пензионер, бројка која не е одржлива. Најпогодени се земјите од Источна и Јужна Европа, како Бугарија, Романија, Хрватска, Грција, но и Италија и Шпанија каде пензиските системи речиси целосно зависат од државните фондови, а износите на пензиите често се далеку под просечните плати.
За разлика од нив, скандинавските држави, Холандија и Германија имаат комбиниран модел со државни и приватни пензиски фондови, што им овозможува подобра заштита на пензионерите, но секако и тие ќе се соочат со кризата.
Европската комисија најавува мерки како дигитални пензиски сметки, автоматско вклучување на работниците во фондови и даночни поттикнувања за штедење. Сепак, спроведувањето останува во рацете на националните влади, а прашањето за пензиските реформи останува едно од најполитички чувствителните во Европа.
![]()

