Видеоснимката на имотот кој му припаѓа на таткото на унгарскиот премиер Виктор Орбан собра над милион и двесте прегледи на Фејсбук откако независен пратеник познат по борбата против корупција ја објави.
Снимката го прикажува добро уредениот двор, базенот и огромната трпезарија, што, според пратеникот Акос Хадази, докажува дека се работи за луксузен имот, а не за скромна фарма како што тврди сопственикот.
Пратеникот објасни дека видеото го снимил минатата недела кога сам се упатил кон имотот.
Министерот за надворешни работи Петер Сијарто го обвини пратеникот дека со влегувањето на имотот без дозвола го прекршил законот.
Имотот, наречен „палата“, се наоѓа блиску до родниот град на Орбан, Фелчут, околу 34 километри западно од Будимпешта. Премиерот негира дека е сопственик на вилата, додека неговиот 84-годишен татко Гјозо тврди дека го купил имотот во 2011 година за да ја обнови фармата изградена од Хабзбуршки војвода во 19-ти век.
Во меѓувреме, Европската унија замрзна 19 милијарди евра за Унгарија, главно поради сомнежи за корупција во јавните набавки, а владата на Орбан ги негира овие обвинувања.
![]()

