Паника во Полска: Неидентификуван објект падна близу населено место

Жителите на источна Полска се вознемирија откако неидентификуван објект, за кој првичните информации велат дека најверојатно станува збор за дрон, паднал во близина на селото Мајдан-Селец, на околу 50 километри од границата со Украина. Настанот го објави полската приватна радиостаница RMF FM, која потврди дека безбедносните служби веднаш реагирале и го обезбедиле местото на падот на објектот.

Според информациите, објектот се урнал на околу 500 метри од станбени згради, доволно блиску за да предизвика страв кај локалното население, но засега нема пријавени жртви или материјална штета. Полициски извори ја потврдиле интервенцијата, а истрагата за потеклото и природата на леталото е во тек.

Полска е во состојба на висока готовност уште од 2022 година, кога залутан украински проектил удри во село на југот на земјата, при што загинаа две лица. Од тој момент, властите внимателно го следат воздушниот простор, особено поради ризикот од прелевање на конфликтот во Украина врз територијата на НАТО.

Слични инциденти се случија и во август оваа година, кога дрон падна во поле со пченка на истокот од Полска. Тогашниот јавен обвинител изјави дека леталото најверојатно влегло во Полска од правец на Белорусија.

Loading