Трамп испрати  порака до Хамас: „Ова е мое последно предупредување“ 

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека им испратил „последно предупредување“ на Хамас да се согласи на договор за ослободување на заложниците, истакнувајќи дека „Израелците ги прифатија моите услови“. Тој повика на запирање на војната и предупреди за „последиците“ доколку Хамас го одбие предлогот.

„Време е Хамас да се согласи. Ги предупредив за последиците од одбивањето. Ова е моето последно предупредување, нема да има друго“, порача Трамп преку социјалните мрежи.

Според извори на израелската телевизија N12, на која се повикува Ројтерс, нацрт-договорот предвидува ослободување на сите преостанати заложници во првиот ден од примирјето, во замена за ослободување на илјадници палестински затвореници. Овој договор би можел да послужи како основа за преговори за завршување на војната. Еден израелски функционер изјави дека предлогот се разгледува „сериозно“.

Трамп и претходно испраќаше слични пораки и најавуваше зголемен притисок врз Хамас, додека американските официјални лица потврдија дека постојат директни контакти со организацијата во рамките на преговорите за заложниците, пишува Асошиејтед прес.

Во меѓувреме, израелската влада нагласува дека прекинот на војната ќе вклучува безусловно ослободување на заложниците, предавање и разоружување на Хамас, како и отстранување на неговите лидери од власт во Газа, наведува Ројтерс.

Loading