„Цел свет ја ограбува Америка“: Трамп најавува 200 отсто царина за европски алкохол

Американски претседател Доналд Трамп денес повторно ја критикуваше поранешната трговска политика на САД, обвинувајќи ја Европската унија за економски злоупотреби и најавувајќи драконски мерки против европскиот извоз на алкохол.

Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп изрази незадоволство од сегашните трговски односи, оценувајќи дека „САД немаат слободна трговија, туку глупава трговија“, додавајќи дека „целиот свет ја ограбува Америка“.

Ескалација на царинската војна

Главната причина за неговиот бес е најавената царина на ЕУ од 50% на американскиот виски, која треба да стапи на сила на 1 април. Оваа мерка е одговор на претходно воведените американски царини на челик и алуминиум.

„Ако ЕУ не ја укине оваа царина веднаш, САД ќе воведат 200% царина на сите вина, шампањ и алкохолни производи од Франција и другите земји на ЕУ. Тоа ќе биде одлично за американската винска индустрија!“, порача Трамп.

Европската комисија соопшти дека до 13 април во целост ќе стапат на сила контрамерките, вклучително и зголемена царина на американските производи.

Трамп ова го толкува како намерен напад врз американската економија, тврдејќи дека ЕУ „на најнепријателски начин ги злоупотребува царините и даноците“ со цел да ја искористи Америка.

Аналитичарите предупредуваат дека новите царини би можеле да предизвикаат голем потрес во глобалната трговија и дополнително да ги влошат односите меѓу Вашингтон и Брисел.

Доколку мерките стапат на сила, европските вина и жестоки пијалаци би станале драстично поскапи на американскиот пазар, додека американскиот виски би се соочил со голем пад на извоз во Европа.

Loading