Почина Тоше Поп Симонов, легендарниот композитор и музички продуцент

На Велигден, на 63-годишна возраст, почина истакнатиот композитор, продуцент и аранжер Тоше Поп Симонов – еден од столбовите на македонската поп музика во последните неколку децении.

Поп Симонов зад себе остави богато музичко наследство и соработка со некои од најзначајните изведувачи од Македонија и регионот, меѓу кои Тоше Проески, Дарио, Верица Пандиловска, групата „Фрајле“, Алка Вуица и многу други. Познат беше и како откривач и поддржувач на нови таленти и често беше првата адреса за млади музичари кои бараа насока, совет или шанса да се пробијат на сцената.

Покрај музичката креативност, колегите го паметат и како човек подготвен секогаш да помогне — безрезервно и искрено.

И покрај здравствените предизвици во последните години, Поп Симонов остана активен и посветен на музиката сè до последните денови. Веста за неговата смрт ја потресе домашната сцена, а бројни музичари и пријатели се простуваат од него на социјалните мрежи со емотивни пораки и благодарност за неговото дело.

Погребот ќе се одржи во вторник, 22 април, на Градските гробишта во Бутел, Скопје.

Македонската музика загуби еден од своите најзначајни автори. Делото на Тоше Поп Симонов ќе продолжи да живее преку песните, спомените и луѓето што ги инспирираше.

Loading