Тодорова сабота е празник посветен на светиот великомаченик Теодор Тирон, кој во македонската народна традиција е познат како заштитник на добитокот.
Според христијанското предание, кога царот Јулијан Отпадникот наредил сета храна на пазарите да биде попрскана со крв од жртвени животни, свети Теодор му се јавил на епископот Евдоксиј и му порачал на народот да јаде варена пченица. Како спомен на овој настан, во петокот по литургијата се чита молебниот канон на свети Теодор.
Народни верувања и обичаи во Македонија
Во многу македонски села е сочувано народното верување, дека на Тодорова сабота свети Теодор излегува на бел коњ, најавувајќи го доаѓањето на пролетта. Се верува дека токму тогаш првпат во годината излегуваат змиите од зимскиот сон.
Тодорова сабота има значајно место во македонската народна традиција и е еден од празниците кои ја најавуваат пролетта, поврзан со надежта за бериќетна година, здрав добиток и заштита од болести.
Во Македонија, Тодорова сабота се слави со посни јадења, бидејќи празникот паѓа во периодот на Великиот пост. За среќна и бериќетна година домаќинките најчесто подготвуваат варена пченица (коливо), традиционален леб (погача) и колачи во форма на потковици.
![]()

