Туристи на Јадранот – кои се најлоши гости според локалците? Одговорот ќе ве изненади!

Со официјалниот старт на туристичката сезона на Јадранот, пристигнаа и првите впечатоци – од симпатични навики до фрустрации кои ги споделуваат вработените во туризмот. Еден туристички работник од хрватското крајбрежје на Reddit ја отвори темата: кои туристи се најтешки за работа?

Во неговата објава, наведе стереотипни примери – Кинезите се гласни, Индијците ставаат табаско врз јагнешко месо, Американците не знаат да јадат риба ако не е филетирана, Холанѓаните го бројат секој цент, Италијанците секогаш бараат попуст, Британците уринираат на историски локалитети… Списокот продолжува, а и други корисници почнаа да се надоврзуваат со свои искуства.

Некои гости добија пофалби, на пример, Американците се опишани како љубезни и пријателски расположени, за Французите мислењата се поделени- некои уживаат со нив, други ги сметаат за кошмар. Германците и Словенците важат за резервирани, додека Полјаците и Унгарците се често перципирани како затворени и тврдоглави. Особено критики има кон гостите кои „се однесуваат како плажите да им се лична сопственост“.

Дискусијата не ги поштеди ниту гостите од земјите од поранешна Југославија – Хрватите се опишани како или многу пријатни или крајно арогантни, додека гостите од БиХ, Србија и Македонија се често весели, но и гласни.

И покрај комичните и понекогаш сурови стереотипи, авторот на објавата признава дека ужива во работата и дека најголем предизвик не е потеклото на гостите, туку нивниот број – кога масовно доаѓаат, станува речиси невозможно да им се посвети квалитетно внимание.

Некои коментари сепак беа многу поостри, особено кон Италијанците и Словенците, а имаше и саркастични признанија од типот: „Во сообраќај би сакала да се слупам во нив“.

Сезоната само што почна, а впечатоците веќе зовриваат.

Loading